MkdNews.com

Протест за „Јавна соба“: Ми го споделуваа телефонскиот број и ми бараа дискретни средбички

Протест за „Јавна соба“: Ми го споделуваа телефонскиот број и ми бараа дискретни средбички
February 03
17:29 2021

„Јавна соба е доказ дека насилството врз жените има институционална форма и тоа се спроведува од страна на институциите со молк. Насилството врз жените не е личен проблем на секоја жена, туку ваша обврска. Не ни требаат ветувања и уверувања. Ни требаат санцкионирани сторители и правда и поддршка за жртвите. Бараме да си ги исполните обврските за кои земате плата секој месец, бараме да постапувате согласно правото, а не според лични убедувања поттикнати од непотизам и корупција. Санкционирајте го секој полициски службеник кој нема да постапи согласно Закон, ќе ја обвини жртвата или тој самиот ќе стори насилство врз жена“ истакна Драгана Дрндаревска од Коалиција Маргини.

Таа потенцираше дека законските измени кои се најавуваат се позитивни, но задоцнети и не се неопходни за да се санкционираат сторилите на кривичните дела во Јавна соба бидејќи и според постоечкиот Кривичен законик, Јавна соба е кривично дело.

„Јавното обвинителство е клучна институција која има обврска да ги гони сторилите на кривичните дела од Јавна соба, со што ќе овозможи заштита од сексуално вознемирување и родово засновано насилство на сите жртви. Непостапувањето за сторителите ни е познато одамна. Пријавите за онлајн сексуално вознемирување и говор на омраза завршуваат само со пријава без одговор како се одвива постапката, а институциите си ја префрлаат одговорноста. Кога се појави случајот, институциите нè убедуваа дека постапуваат по Закон и сторителите ќе бидат санкционирани. По една година, тоа не се случи. Жртвите се множеа, а сторилите не се уплашија. Продолжија со сексуално вознемирување и со злоупотреба на лични податоци“ додаде таа.

Пред обвинителството каде и заврши протестот се извикуваше: „Институција што не казнува е институција што силува“ и „Разбуди се ОЈО“, а пред институцијата се обрати и адвокатката Марта Гусар, која застапува жени жртви на насилство.

„Јавна соба не е забава. Јавна соба е кривично дело. Но за да им ја направиме поголема „забавата“ на овие сторители, апелирам до сите идни жртви кои ќе се соочаат со вакво вознемирување да ги сочуваат телефонските броеви и заедно со принтскрин од разговорите на апликациите да ги пријават во најблиската полициска станица“ рече адвокатката Гусар, која меѓудругото во своето обраќање рече дека и таа самата била жртва на Јавна соба.

Пред да започне протестот, пред МВР се обрати 28-годишната Ана од Кавадарци, една од девојките кога претходно јавно го сподели нејзиното искуство во врска со групата на Телеграм, „Јавна соба“. Таа рече дека она што и се случило нејзе, не е единствен случај, туку глас и на сите претходни девојки и жени кои го проживеале истото искуство.

„Нека се донесе Закон, но и тој Закон да се применува. Нека се едуцираат институциите, нека се едуцира секој човек како треба да се однесува за да може да имаме подобро општество за нас и идните генерации коишто доаѓаат“ изјави таа.

Минатата недела министерот за правда, Бојан Маричиќ се сретна и разговараше со Ана и ги презентираше законските измени со кои се воведува и ново дело „демнење“ кое ќе биде дополнителна заштита, меѓу другите, и за вакви случаи.

Претходно републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески во интервју за Дојче веле ги поддржа предлозите за дополнување на Кривичниот законик со кривичните дела „демнење“и „сексуално вознемирување“ бидејќи како што рече тој „со употребата на технологијата, интернет комуникацијата, со глобализацијата, се јавуваат и нов вид на кривични дела кои претходно не сме биле ниту во можност да ги предвидиме“.

Последната информација од институциите е дека Министерството за внатрешни работи привело четири лица директни учесници во Јавна соба, а истрагата е во тек.

Related Articles

0 Comments

No Comments Yet!

There are no comments at the moment, do you want to add one?

Write a comment

Only registered users can comment.